ФФМ ќе гради нов репрезентативен стадион во Општина Аеродром

|

Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за изградба на нов, репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“ во Општина Аеродром, соопшти денеска ФФМ.

„Наша обврска како Фудбалска федерација на Македонија е да придонесеме за напредок на фудбалот, а најдобар начин да го потврдиме тоа е преку изградба на стадион кој ќе биде обележје на времето кое ни ги носи најголемите фудбалски успеси во нашата историја“, вели Муамед Сејдини, претседател на ФФМ.

Во соопштението од денешната седница на Управниот одбор на ФФМ се вели дека е донесена одлука за отпочнување постапка за изградба на нов репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“ во Општина Аеродром.

Како што се појаснува, Фудбалската федерација на Македонија заедно со општина Аеродром е носител на проектот. Во изградбата на капиталниот фудбалски објект, исклучително важна е поддршката од Владата на Република Северна Македонија.

Проектот за новиот репрезентативен стадион е директно поддржан со средства од УЕФА и ФИФА преку програмите за подобрување на фудбалската инфраструктура.

„Поттикнати од искрената желба и отвореноста за помош и поддршка од општина Аеродром и градоначалникот Муцунски, но и државните институции и по одржани неколку состаноци со одговорните луѓе во УЕФА и ФИФА, заедно со членовите на У.О. на ФФМ донесовме одлука за изградба на нов, репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“.

Започнуваме постапка за изградба на стадион со минимален капацитет од 12.000 гледачи по сите критериуми на УЕФА и ФИФА за одигрување на клупски и репрезентативни натпревари од највисок ранг“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.