Околу 30 светски лидери, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин, се собрале денес во Париз за да присуствуваат на погребот на поранешниот претседател на Франција, Жак Ширак, кој починал минатата недела на 86 години.
Воени почести за Ширак ќе бидат оддадени во Палатата на инвалидите, каде неговиот ковчег е изложен од вчера, а поворката потоа ќе тргне кон црквата Сан Сулпис, каде ќе биде одржана меморијална церемонија во присуство на домашни и странски службеници.
Актуелниот претседател на Франција, Емануел Макрон, подоцна ќе приреди ручек за странските лидери во Елисејската палата.
Меѓу нив се и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и либанскиот премиер Саад ал-Харири.
Илјадници луѓе од вчера минале покрај ковчегот на Ширак покриен со француско знаме во Платата на инвалидите и се запишале во книгата на жалост покрај фотографијата од насмеаниот претседател.
Многу Французи го почитувале Ширак бидејќи на земјата и обезбедил улога на “глобален играч” и затоа што се противел на инвазијата на Ирак во 2003-та година, а обвиненијата за финансиски малверзации кои се слушнале откако заминал од должност не го нарушиле многу неговиот углед.