Функционерите ќе можат да патуваат во странство, а по враќањето нема да одат во карантин

ИЗВОРСкопје24
|

Владата на денешната седница одлучила да се дозволи избраните и именуваните лица да патуваат во странство, но по нивното враќање, да не бидат спроведени во задолжителен државен карантин. За одлуката соопшти техничкиот премиер Оливер Спасовски, според кого, државните функционери, при патувањето ќе треба да го почитуваат препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести.

„Владата заклучи дека може да се дозволи патување во странство на избрани и именувани лица во странски држави со почитување на препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести, за одржување на потребно растојание, носење на лична заштитна опрема. Заради координации и други работни активности, поврзани со мерките за болеста, како и поради други итни причини кои не трпат одлагање без спроведување на овие лица во државен карантин, по нивното враќање во државата“, рече Спасовски.

И натаму останува во сила одлуката со која, сите државјани на државата, при враќањето од странство од земјите кои се со висок, среден или низок ризик, да бидат спроведени во државен карантин каде треба да останат по 14 дена. Објектите каде ќе се спроведува државниот карантин ги чува полицијата и Армијата.