Кинески пилот е приземјен откако во неделата на кинеската социјална мрежа „Веибо“ започнала да кружи фотографија од девојка во пилотска кабина.
Како што пренесува „СиЕнЕн“, станува збор за грубо прекршување на безбедносните протоколи кои ги пропишува Кинеската агенција за цивилно воздухопловство.
На фотографијата може да се види како девојка седи во пилотската кабина на седиштето на пилотот, а при објавувањето на фотографијата таа напишала „Многу сум му благодарна на пилотот. Многу сум возбудена“.
Фотографијата ја воочил кинески блогер кој го следи воздухопловството и напишал дека е направена во авион на кинеската авиокомпанија “Air Guilin” и тоа во текот на лет. Девојката во меѓувреме ја избришала фотографијата, меѓутоа целата вест станала вирална.
Од авиокомпанијата потврдиле дека инцидентот се случил на 4-ти јануари на летот од Гуилин за Јангжу. Од “Air Guilin” соопштија дека пилотот е отпуштен и му е врачена доживотна забрана за летање, додека пак екипажот на авионот бил суспендиран на неодредено.
Од “Air Guilin” соопштија дека безбедноста на патниците им е приоритет и дека не толерираат непрофесионално однесување кое ги загрозува. Пилотот инаку добил доживотна забрана за летање само со оваа компанија и ќе може да аплицира за работа во другите авиокомпании.
Девојката од фотографијата е идентификувана како учесничка во студентската програма при Универзитетот за туризам во Гуилин.