Откако јато птици влегле во моторите на авионот со 233 патници, пилотот Дамир Јусупов и копилотот Георги Мурзин морале брзо да реагираат. Секунди одлучувале за животите на сите во авионот Аирбус 321 од руската компанија „Урал аирлајнс“.
Пилотите одлучиле да слетаат во поле со пченки, далеку од куќите, и на тој начин ги спасиле сите во авионот.
Го одбиле од училиштето за пилоти
Дамир Јусупов (41) роден во Сибир и тој не е типичен пилот. За разлика од неговите колеги, тој одработел само 3.000 часа лет. Тоа е двојно помалку од часовите потребни за заповедничко место во кокпитот, но се покажало пресудно во кризата во која морал да реагира во четвртокот.
Во тинејџерските години, училиштето за пилоти го одбила Јусупов поради медицински причини. Наместо за пилот, учел за правник. Подоцна решил да се преквалификува. Пилотското училиште го завршил со одличен успех. Колегите го опишуваат како смирен, скромен и над сè професионален.
Слетување без тркала
„Имаше и други опции и добро што не ги искористивме. Да се обидевме да се вратиме, не знам што ќе се случеше“, го прокоментирал Јусупов присилното слетување во полето со пченки.
Кога видел дека и другиот мотор се расипал, знаел дека удар во земјата е неизбежен.
Посадата донела одлука за слетување на трупот без спуштање на тркалата бидејќи постоела опасност авионот да се преврти и последиците би биле многу полоши.
„Се обидов меко да го приземјам авионот, така што слетувањето помина со минимална брзина. Не се чувствувам како херој бидејќи го направив тоа што требаше за да го спасам авионот, патниците и екипажот“, рекол Јусупов.
Извор: Слободен печат