Британската премиерка Тереза Меј објави денеска дека ќе се повлече од функцијата на 7 јуни. По неколку недели силен притисок од членовите на сопствената партија, поради неможноста да го заврши формалното напуштање на унијата, Меј попушти и поднесе оставка. Соопштувајќи ја одлуката, Меј рече дека длабоко жали поради неуспехот да ги убеди пратениците да го подржат договорот.
Се обидов три пати, верував дека требаше да бидеме истрајни дури и кога шансите беа против нас. Но сега ми е јасно дека е во најдобар интерес на земјата, тој напор да го води нов премиер, изјави Меј пред Даунинг стрит 10.
Незиното менаџирање на преговорите а потоа и договорот кој го постигна со Брисел беа жестоко оспорувани од Ториевците. Тие постојано ја критикуваа и на неколку наврати ја предизвикаа за лидерската позиција во партија. Гласањето недоверба минатата година успеа да го преживее за само неколку гласови. Објавувајќи ја оставката таа ги предупреди своите сопартијци, дека со нејзиното повлекување проблемите нема да бидат решени.
Ќе остане на мојот наследник да го пронајде патот кој ќе го почитува резултатот од референдумот. За да успее, тој или таа, ќе мора да постигне консензус во парламентот, што јас не успеав. Таков консензус може да биде постигнат само ако сите страни во дебатата се подготвени на компромис, порача премиерката.
Со тоа се согласуваат и експертите, кои дополнително предупредија дека за внатрепартиските избори ќе бидат изгубени 2 месеци, време кое може да се искористи за комплетирање на Брегзит.
Големата дилема за тоа каде одиме, како ќе го решиме овој неред, не е променета. Како новиот лидер ќе донесе нова димензија? Со други зборови, можете да го промените пејачот, но дали треба да ја промените и песната?, вели поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија Мајкл Хеселтин.
Тоа што за време на кампањата за референдумот во 2016, подржуваше останување во унијата, Ториевците не и го простија и ја сметаа за несоодветниот политичар да го спроведе Брегзит. Додека да се избере новиот лидер на Ториевците а со тоа и нов премиер на Британската влада, таа ќе остане да ја извршува функцијата.
Игор Трајков