Легендарниот Мерсон објасни зошто Клоп е подобар од Гвардиола: Системот на Пеп функционира само во еден случај!

|

Пол Мерсон е вистинска фудбалска легенда на Арсенал и воопшто на англиската Премиер лигата, а како човек и поранешен играч кој има завидно педигре во англискиот фудбал, сега одлучи да направи една споредба за двајцата менаџери кои ги одбележаа последниве две сезони во Премиер лигата.

Ливерпул цврсто чекори кон прекинување на црната серија од 30 години без трофеј во елитното друштво, и тоа само неколку месеци по драматичниот начин на кој ја загуби шампионската трка со Сити изминатата сезона. „Црвените“ од „Енфилд Роуд“ делуваат незадржливо оваа сезона и веќе имаат двоцифрена предност на табелата на средина на сезоната, а според легендарниот Мерсон, најголемите заслуги за тоа одат кај Јирген Клоп кој за него е подобар стручњак од Пеп Гвардиола.

– Клоп му докажува на Гвардиола дека е подобар тренер од него, најдобар во светот. Ливерпул направи Лестер да изгледа како ранлив тим, а сето тоа е заслуга на Клоп. Тој самиот го создаде овој тим и го победува Гвардиола, и тоа во ситуација кога не потроши толку пари како Пеп. Тоа го прави Клоп подобар од Гвардиола. Јирген може да го преземе Ротерам и да го искачи во елитното друштво за неколку години. Гвардиола не го може тоа, на него му се потребни играчи од 90 или 100 милиони евра за да функционира неговиот систем. Неговиот систем функционира само во еден случај. Кај Клоп тоа не е така, тоа што го конструираше во Ливерпул е навистина големо, – порачува Пол Мерсон за „Дејли Стар“.