Најнова книга на Љубомир Грбевски „Лет со умот кон папокот на универзумот“

ИЗВОРСкопје24
|

Најновата книга на Љубомир Грбевски „Лет со умот кон папокот на универзумот“, ќе биде промовирана в петок (05.07.2019) во 12 часот во градската кафеана „Пелистер“ во рамките на манифестацијата „Скопско лето“. Промотор на книгата ќе биде писателот Стево Симски, а музичката поддршка ќе биде од Јаков Дренковски. Делови од пиесите ќе изведат актерите Елизабета Клинчаревска Младеновска-Ели и Кирил Трајковски-Максим.

Книгата содржи три драмски новобајковни текста за деца и за тинејџери „Лет со умот кон папокот на универзумот“ (пиеса што ѝ го позајмува името на целата книга), „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“ (една бајковидна басна) кои се пишувани во стихови со комедиографски перформанси. Станува збор за пародирани и деконструирани класични бајки и одново конструирани и стокмени со нов наратив и со современ сленг јазик на „новите клинци“, нивниот „новојазик“.


По неговата претходна книга „Бајки тралалајки – за урбани клици и напредни мајки“ која содржи шест драмски текста, ова писание е некакво логично продолжение на истиот волшебен свет на принцезите, витезите, кралевите и кралиците, џиновите, змејовите, џуџињата и маѓосниците други чудни и надреални суштества во едено анахроно окружвање на новите технолошки „чудесии“ – мобилни телефони, таблети и сл. кое го таргетира овој автор.
Оваа книга е четврта по ред на Љубомир Грбевски. Тој претходно ги објави книгите „Стихови празни и рими безобразни“ (1991), „(Хоро)скопски шеми“ (2009) и „Бајки тралалајки – за урбани клинци и напредни мајки“ (2016).