Американската вселенска агенција (Наса) официјално го претстави својот план од 28 милијарди долари за праќање луѓе на Месечината до 2024 година.
Како дел од програмата наречена Артемис, Наса ќе испрати маж и жена на Месечината, и тоа ќе биде прво слетување на луѓе од 1972 година.
Но, временската рамка на агенцијата зависи од тоа кога Конгресот ќе одобри 3,2 милијарди долари за изградба на систем за слетување.
Астронаутите ќе патуваат во капсула слична на Аполо, наречена Орион, која ќе се лансира на моќната ракета наречена СЛС.
Говорејќи во понеделникот попладне, администраторот на Наса, Џим Бриденстин, рече: „28 милијарди американски долари ги претставуваат трошоците поврзани со следните четири години во програмата Артемис за слетување на Месечината. Се разбира, се е вклучено во тие трошоци и вселенските костуми – вклучени се сите оние работи што се дел од програмата Артемис“.
Но, тој објасни: „Барањето за буџет што го имаме пред Претставничкиот дом и Сенатот сега вклучува 3,2 милијарди долари за 2021 година за системот за слетување на луѓе. Критично е важно да ги добиеме тие 3,2 милијарди долари“.
Во јули 2019 година, г. Бриденстин за Си-Ен-Ен изјави дека првата жена астронаут што ќе прошета по Месечината во 2024 година ќе биде некоја „докажана, некоја што летала, некоја што веќе била на Меѓународната вселенска станица“. Тој исто така рече дека тоа ќе биде некоја веќе во астронаутскиот кор.
Во време на ова интервју, имало 12 активни жени-астронаути. Оттогаш им се придружија уште пет жени астронаути од НАСА, кои завршија обука претходно оваа година. Но, останува нејасно дали некоја од најновите астронаути може навремено да ги исполни критериумите за да лета на првата мисија за слетување во 2024 година.
Запрашан за временската рамка за избор на членови на екипажот за Артемис, шефот на НАСА рече дека се надева дека ќе избере тим најмалку две години пред првата мисија.
Сепак, тој рече: „Мислам дека е важно да започнеме да го избереме тимот на Артемис што порано, пред се затоа што мислам дека ќе послужи како извор на инспирација“.