„Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата со раскази „Ужас и големи трошоци“ од хрватскиот писател Роберт Перишиќ, во превод од хрватски јазик на Ленче Тосева.
Ужас и големи трошоци е збирка со 20 раскази, првпат објавена во 2002 година, а од хрватската книжевна критика беше оценета како една од најзначајните книги на деценијата во Хрватска.
Во оваа книга Перишиќ дава автентична, донекаде и трагикомична слика за поствоеното општество. Тој пишува за „хендикепираното“ потрошувачко општество, а јунаците најчесто се транзициски потрошувачи зафатени од егзистенцијалниот ужас предизвикан понекогаш од видливи причини: војна, страдања, алкохол, сиромаштија, насилство, но многу често тој ужас е, всушност, безнадежноста во секојдневјето. По завршувањето на војната антијунаците се соочуваат со посуптилни секојдневни и егзистенцијални проблеми од основната потреба да се зачува животот – од финансиска, работна, љубовна природа. Некои проблеми се појавуваат поради неприспособеноста во секојдневниот живот и неснаоѓањето во продолжувањето на нормалниот живот. И овде Перишиќ се фокусира на романтичните и емотивните врски врз кои
ги гради приказните во своите раскази. Расказите во книгата се напишани со жив урбан јазик – на загрепски жаргон. Според авторот, ова се раскази за потрошувачкото општество во транзиција.
Два расказа од оваа книга се вклучени во антологијата на источноевропската проза објавена во Италија – Pensi che ci saremmo potuti conoscere in un bar? (2010).
Роберт Перишиќ (роден во 1969 г., во Сплит) по образование е професор по хрватски јазик и книжевност. Тој е еден од најнаградуваните и најпреведуваните современи хрватски писатели.
Живее во Загреб како самостоен автор. Пишувал за култниот весник „Фелард трибун“ (1994 – 2000), а потоа објавува книжевна критика во неделникот „Глобус“ (2000 – 2013). Ги основал и ги уредувал списанијата за култура „Години“ (1992 – 1997) и „Нови години“ (1997 – 2000).
Перишиќ е основач и бил програмски директор на хрватскиот меѓународен книжевен фестивал „Лит Линк“ и иницијатор на кампањата „Право на професија“, покрената за подобрување на статусот на писателите во Хрватска.
Објавени дела: Дворецот Америка (песни, 1995), Ужас и големи трошоци (раскази, 2002), Можеш да го плукнеш тој што ќе праша за нас (раскази, 2003 Нашиот човек на теренот (роман, 2007), Подрачје без сигнал (роман, 2015).
Негова најуспешна книга е Нашиот човек на теренот (2007), која се здоби со две книжевни признанија и беше преведена на неколку јазици, меѓу кои и на македонски, во 2010 година.
Книгата ја доби наградата Роман на годината на Јутарњи лист и наградата на Шпаркасе банката во Грац, Австрија. Таа постигна особен успех во САД, наидувајќи на одличен прием од американската критика. Познатиот автор Џонатан Френцен го напиша поговорот за книгата.
Романот беше пофален како оригинална, сатирична антивоена проза која последиците од бурните деведесетти години ги спротивставува на фонот на поствоената хрватска реалност, и споредувана со најдобрите постигнувања од жанрот, со Мајка Храброст на Брехт, со Кланица 5 на Курт Вонегат и Добриот војник на Јарослав Хашек.
Освен проза, Роберт Перишиќ пишува и драми, Културата во предградието за театарот Гавела, и сценарио за филмот 100 минути слава во режија на популарниот Далибор Матаниќ), глумел во кусометражниот филм Суша (Кански фестивал, 2003).