Павилјонот на Република Северна Македонија со наслов „Оваа зграда зборува (на)вистина” на вчерашното доделување на наградите на Прашкото Квадриенале за перформанс дизајн и простор (6-16 јуни 2019 година) ја доби главната награда „Златна Трига“ која се доделува за најдобра изложба и претставување на оваа манифестација. „Оваа зграда зборува (на)вистина“ е дело на уметникот Филип Јовановски и кураторката Ивана Васева, продуцирано од Музеј на град Скопје и неговата директорка Фросина Зафировска и беше во конкуренција со 79 земји од светот.
Интернационалното жири гласаше во широк спектар на категории, вклучувајќи изложбено искуство, најветувачки студент талент, најдобар кураторски концепт или награда за животно дело – вкупно 28 награди. Жирито на Прашкото квадриенале во 2019 година се состоеше од Дорита Хана, Тим Фостер, Џим Клејбург, Лиу Ксинглин, Софија Пантуваки, Роберт Капловиц, Јарон Абулафија, Содја Лоткер, Омар Рајех, Моника Раја и Кејт Бејли. Наградата ја дизајнираше архитект Петр Бакош. Според статутот на ПК, наградите ги доделува Министерот за култура на Чешката Република по препорака на
меѓународното жири, со исклучок на ПК Младинска награда, која директно ја доделува младинската публика.
Објаснувањето на жирито за престижната награда за „Оваа зграда зборува (на)вистина“ вели: „Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст. Златната Трига оди кај Република Северна Македонија “.
Павилјонот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се состои од просторна инсталација со перформативен дел со актерката Кристина Леловац, која е дел од „Изложбата на земји и региони“ и се изведува секој ден од 13 часот; кратко видео насловено „Кино Култура“ кое е дел од архитектонската изложба на простори за изведувачки уметности (Performance Space Architecture Exhibition) и двојазична публикација.
Публикацијата за овој проект, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски, претставува зборник од текстови на неколку истакнати автори од областа на визуелните уметности, перформансот, театарот, архитектурата и културните политики, како Биљана Тануровска Ќулавковски, Борис Бакал, Оливер Фрљиќ, Ана Виленица, кураторски текст на Ивана Васева, осврт на сите активности од иницијатвата „Кога зградите би зборувале“ на Филип Јовановски, интервју со Кристина Леловац, текст за архитектурата на Железничка зграда од Томе Димитриевски како и анкета со жителите на Железничка
града спроведена од организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“ во соработка со Симона Димковска, Марија Гелмановска и Јана Кастратовиќ.
На отворањето на павилјонот на 7 јуни настапуваше Телемама.
Павилјонот на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се перформира во размер 1:100 како едно кондензирано искуство од минати активности, како архива од повеќе времиња кои би требало и во живо да ни кажат: Ако успееме овде, можеме да успееме секаде! А токму тоа е и дизајнот на перформативната агонистичка заедница. Проектот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Соработници: Кристина Леловац, Биљана Тануровска Ќулавковски, Драгана Заревска, Владо Караев, Анџела Петровска, Виолета Качакова, Слободан Унковски, Борис Бакал, Симона Димковска, Марија Гелмановска, Јана Кастратовиќ, Томе Димитриевски, Ана Виленица, koma.mk, Јасмина Ѓоргиева, Бехар Далипи, Ана Василева.
Продукција: Илија Тирицовски, Горјан Атанасов, Марко Наумовски, Сашко Потер Мицевски, Александар Котевски, Стојанче Цавировски, Владо Димоски, Тони Трајковски (Дизајн на конструкции дооел, Скопје), Иванчо Велков, Мембранинг студио, Скопје.
Изведбениот дел од павилјнот предизвика голем интерес кај публиката на квадриеналето. Секојдневната енергична и посветена изведба на актерката Леловац ја комплетира сликата за просторно изведбениот проект кој жирито го оцени како најсоодветен за овогодншната тема.
Поради големиот интерес за перформансот и по барање на организаторите и жирито, најавени се повеќе од една изведба дневно.
Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор е основано во 1967 година со идеја да се прикаже најдоброто од перформанс дизајнот, сценографијата и театарската архитектура како значаен дел од културните активности кои треба да бидат искусени од професионалните и младите уметници, како и пошироката јавност. Квадриеналните изложби, фестивали и образовни програми дејствуваат како глобален катализатор на креативниот напредок преку поттикнување на експериментирање, вмрежување, иновации и идни соработки. ПК има за цел да им оддаде чест, да ги поттикне и да ја прослави работата на дизајнерите, уметниците и архитектите додека инспирира и едуцира публика, кои се најважен елемент во која било изведба во живо.
Прашкото квадриенале се стреми да го презентира перформанс дизајнот како уметничка форма која се занимава со создавање на активни перформативни средини, кои се многу подалеку од само декоративни или убави, туку емотивно обликувани, каде што дизајнот може да стане потрага, прашање, аргумент, закана, одлука, агент на промени или провокација. Перформанс дизајнот е колаборативно поле каде дизајнерите се мешаат, осигуруваат и замаглуваат линии меѓу повеќе уметнички дисциплини за да бараат нови пристапи и нови визии.
Прашкото квадриенале организира голема програма на интернационални проекти и активности помеѓу главните квадриенални настани – перформанси, изложби, симпозиуми, работилници, резиденции и образовни иницијативи кои служат како
интернационална платформа за истражување на практиката, теоријата и образованието на современиот перформанс дизајн во своите најшироки термини.
Повеќе на:
Награди: https://www.pq.cz/2019/06/12/prague-quadrennial-awards-2019/
Прашко квадриенале за перформанс дизајн и простор:
https://www.pq.cz/2019/03/07/prague-quadrennial-2019-at-prague-exhibition-grounds-11- days-79-countries-800-artists-600-events/
Фотографии: https://www.facebook.com/praguequadrennial/
Повеќе за концептот на павилјонот:
Повеќе за павилјонот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ Извадок од кураторскиот текст на Ивана Васева Бришењето, криењето или игнорирањето на трагите на заедништвото, солидарноста, одговорноста, од колективната меморија на локалната историја e само чекор кон акцелерирање на неолибералниот светоглед кој ги приватизира и хиерархизира сите односи во општественото живеење. Сево ова води кон речиси непрепознатлива промена на локалниот контекст, влијаејќи и трансформирајќи цели заедници и различни општествени слоеви, како и на целокупното општествено ткиво.
Во средината на заедничкиот двор и заедничката киносала на станбената Железничка зграда одекнуваат прашањата: Како заедно да живееме подобро? А ехото сѐ повеќе го повторува прашањето во речиси руинираната зграда којa ја чува идејата за заедницата,
одговорноста и солидарноста во средината градот, разнебитен и корумпиран. И токму тука може да се отворат конфликтите кои потенцијално креираат нови процепи во генералната општествена структура.
Железничка зграда во Скопје е градена како периметарски колективен блок за живеење на вработените во Железницата на Југославија и е завршена кон крајот на 40-тите години на 20 век. Таа има сопствен двор, имала колективни перални кои се трансформирале во станови после скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година, но и сопствено кино како заеднички простор, каде што во еден момент 400 деца гледале филмови.
Токму солидарноста, заедништвото, одговорноста го градат скелетот, структурата или дизајнот на долготрајниот перформативен и колаборативен проект „Кога зградите би зборувале“ кој започна во 2015 година и сѐ уште трае.
Иницијативата „Кога зградите би зборувале“ е перформативно искуство што постои од 2015 година во Железничката зграда и е поттикнато од организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФР~У). Тоа се изведува себе си и постои преку перформативноста, т.е изведува активен простор или заедница како естетски и етички
процес на создавање односи и врски. Па така, дизајнот на перформансот не е физички изградена кулиса, иако постои како архитектонски простор – киносала, туку е искуствен, обликувачки, емотивен и уметнички процес, формирачки и трансформативен, кој сака да стане заедница која ќе се грижи пошироко од уметничкото делување или прагот на сопствениот дом. Тој е составен од современ крос-дисциплинарен ангажиран пристап кој обединува елементи од визуелните и изведувачките уметности, проширувајќи го нивниот обем и рамка и се залага за зачувување на значењето на јавното и јавниот простор.
Павилјонот на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се перформира во размер 1:100 како едно кондензирано искуство од минати активности, како архива од повеќе времиња кои би требало и во живо да ни кажат: Ако успееме овде, можеме да успееме секаде! А токму тоа е и дизајнот на перформативната агонистичка заедница.
„Оваа зграда зборува (на)вистина“ е составен од три дела: инсталација со перформативен дел што е дел од „Изложбата на земји и региони“; кратко видео насловено „Кино Култура“ кое е дел од Performance Space Architecture Exhibition и двојазична публикација.
Проектот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Им изразуваме голема благодарност за соработката на: Јанез Јанша (Маска, Институт за издаваштво, продукција и едукација, Љубљана), Мишко Зиноски (Архитектонски факултет – Скопје), Ана Виленица, Ѓорѓе Краишник, Слободан Кочевиќ, Иван Џијановски, Томе Каревски, Павле Игновски, Филип Аврамчев (Универзална сала – Скопје), Кино
Култура, Скопје, Кинотека на Македонија.