Почнува 14. фестивал на Новиот германски филм, а за македонските филмаџии ќе има работилници со гости од Германија

ИЗВОРСкопје24
|

“100 работи” е комедијата со која ќе се отвори 14. фестивал на Новиот германски филм во киното Милениум каде ќе гледаме филм за тоа колку материјалниот свет нè поседува нас или ние го поседуваме него. По отворањето, фестивалот на Новиот германски филм ќе биде на репертоарот во Кино Фросина од 3. до 6. мај во Скопје, а потоа ќе патува во кино салите ширум земјата: Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Радовиш, Штип, Тетово и Битола.

Како и секоја година, селекторите на фестивалот се обидоа да дадат разнолик пресек на современиот филм во Германија, носејќи ѝ на македонската публика драма, трагикомедија и комедија, семеен филм, детски, документарен и серија кратки филмови. Филмовите се грижливо избрани со цел да задоволат многу вкусови, а некои од нив се навистина ексклузивни со постигнат огромен успех на филмските фестивали, а еден од нив беше и во конкуренција за наградата “Златна мечка” на престижниот Берлинале.

Она што е премиерно кај ова издание на фестивалот, не се само филмовите кои прв пат ќе ги видиме во кино салите, туку и заложбата на Германската Амбасада да донесе претставници од светот на филмот во Северна Македонија, а тоа се Хајнц Херманс (Heinz Hermanns), директор на Берлинскиот фестивал за кратки филмови „Интерфилм“ и Алета вон Фитингхоф (Aletta von Vietinghoff), позната филмска монтажерка од Берлин. Тие ќе имаат предавања и ќе одржат работилници со студентите по филмска уметност, и ќе се сретнат со сите заинтересирани филмски работници во земјата. На самото отворање на фестивалот, тие ќе се претстават на публиката, а обраќање до публиката ќе има и амбасадорот CР Германија во Северна Македонија Н.Е. Томас Герберих.

Партнери на амбасадата за овој фестивал се Македонски Телеком, Про Кредит Банка и Гете Институт кои покрај “100 работи”, се одговорни за празникот на филмофилите кои ќе ги проследат серијалот кратки филмови, потоа “Жешко столче”, “Надвор од системот”, “Во време кога светлината згаснува”, “Исход на вистината”, “Стикс”, “Среќата е за слабаци”, “Љубопитниот Тоби и тајната на нашата планета”, “Тим Талер или момчето што ја продаде својата насмевка” и “Помош ги смалив родителите”.

Фестивалот (http://fngf.mk) редовно селектира филмови кои отвораат општествени размислувања и теми, не́ ангажира, а со тоа почнува и да нè менува.