Големиот пожар во шумата во близина на селата Кери и Агалас на грчкиот остров Закинтос и натаму е надвор од контрола.
Пожарникарските сили деноноќно се борат со огнената стихија, а од ова утро добиваат помош и од авиони.
Како што пренесуваат грчките медиуми, куќите засега не се во опасност затоа што голем број на пожарникари ги опкружиле селата за да го заштитат населението и нивните куќи.
„Катимерини“ пренесува дека на пожарникарите од Закинтос им пристигнале на помош околу 120 колеги со 45 возила од цела Грција.
Пожарот на Закинтос изби вчера околу 11 часот по локално време.
Другиот голем пожар во Грција, во близина на летувалиштето Лутраки на 80 километри западно од Атина исто така не е локализиран, но надлежните се оптимисти и веруваат дека денес кога ветровите ќе ослабат ќе успеат да го стават под контрола.