Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, во неделата за време на престојот во Минхен, во салата изјавил дека облекол традиционални баварски кожни панталони и заклучил дека многу добро му стојат па ќе ги облекува особено за својата сопруга Мишел.
„За подарок добив традиционални германски, кожни панталони и во својата хотелска соба ги пробав. Морам да ви кажам дека во нив изгледам супер и мислам дека ќе ги облекувам само за Мишел“ – изјавил Обама.
Спомнал и дека имал идеја да стави лажна брада за да може да присуствува на популарниот Октоберфест, со оглед на тоа што за него е комплицирано да посети некој таков голем, јавен настан.
„А знаете, тајните служби стануваат малку нервозни“ – се пошегувал Обама.
Организаторите на настани веќе две години се обидуваат да го доведат Обама на конференцијата Bits & Pretzels која во Минхен за време на Октоберфест ги собира основачите на старт-ап компаниите, инвеститорите и многубројни ентузијасти.