Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ од Скопје е организатор и домаќин на Меѓународен симпозиум, кој во Музејот на современата уметност ќе се одржи на 31 мај и 1 јуни.
Наслов на симпозиумот е „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“. Покрај симпозиумот ќе биде отворена и изложба, која ќе биде достапна за јавноста од 31 мај до 7 јуни 2019 во МСУ.
Потребата да се реализира еден ваков симпозиум во Скопје, уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска од Прес ту егзит причините ги бараат во инцидентот од 21 април 2017 година, кога пожар го уништи Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Лоциран во неколку бараки од 60-тите години, во Заводот беше сместена архивата за реконструкцијата на пост-земјотресно Скопје (1963). Архивата на заводот, која содржеше планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети значајни за македонскиот идентитет, веќе лошо оштетена од пламен, чад и вода, беше оставена во руините на заводот и изложена на случајните минувачи.
„Неколку недели по пожарот, за време на одржување на 6. Меѓународен симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции фикции и други заеднички именители“, тимот на Проектниот простор Прес ту егзит, заедно со локални и меѓународни уметници, а со поддршка на значајни институции и асоцијации како Државниот архив на РМ, Музеј на град Скопје и Асоцијација на архитекти, организиравме акција за расчистување и заштитување на дел од документите и предметите од понатамошна штета. Овој гест и собраните документи ќе бидат појдовна точка за македонската програма во рамки на симпозиумот“, велат меѓународно признаените уметници Чаловски и Иваноска.
Преку овој јавен настан ќе се реанимира прашањето за нашиот однос кон незаштитеното модернистичко културно наследство, особено во однос на современото Скопје (пост „Скопје 2014”) и општествената употреба на просторот. Ќе се разговара и за недостатокот од достапна, кохерентна и јавна архивна материја по прашањето за културолошкото значење на Мастер планот за Скопје и како да се архивираат преостанатите спомени од материјалната модернистичка култура на градот, и за поимот „архивизам” како обединувачки концепт за архивистичка систематизација на документи вклучително и чинот на граѓанска свесност и учество во процесот на ескавација и истражување на документи најдени во јавен простор.
Во Скопје пристигнуваат истакнати куратори, директори на институции од музејската дејност и уметници како: Сабина Саболовиќ – членка на кураторскиот колектив од Хрватска What, How & for Whom/WHW, која ќе зборува за кураторскиот пристап кон архивата како нешто што оди подалеку од ригорозната или научна дефиниција. Илустрираното предавање на Чарлс Еше – директор на Ван Абе музеот од Ајндховен ќе се фокусира на музејот и употребата на музејските збирки, документација, спомени и односи во создавање на специфични изложби и истражувачки проекти. Себастиан Цихочки – заменик директор на Музејот на модерна уметност во Варшава, во својата презентацијата ќе зборува за експериментот Бродно Биенале (Варшава, 2018).
Во рамките на настанот ќе биде отворена и изложба на уметниците Антонис Питас од Холандија, Тјаша Калкан од Хрватска и Јане Чаловски, курирана од Јованка Попова, како и изложба на дел од материјалите од опожарениот Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Свои панели ќе имаат и претставници од партнерските организации на Прес то егзит како: Наташа Бодрожиќ (Слободне Везе, Загреб), која ќе ја претстави и книгата „Потрошувачка култура на Социјалистичка Југославија“ и Марјока де Греф и Анастасија Пандиловска (Санс анд Старс, Амстердам).
„Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ е дел од двогодишниот меѓународен проект „Взаемно поле на културна меморија“ финансиски поддржан од Креативна Европа – Програмата за културно наследство 2018 година. Дополнителна подршка за програмата во Скопје е добиена од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондација за уметнички иницијативи од Њујорк и Фондот Мондријан од Амстердам.