Претставата „Немам каде да се вратам“ ја освои Гран при наградата на ДАФ

ИЗВОРСкопје24
|

На 60то јубилејно издание на Меѓународниот Драмски аматерски фестивал – ДАФ во Кочани наградата Гран при „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава, жири комисијата во состав: Борис Чоревски актер, Несрин Таир актерка и Катерина Соколова сценографка ја доделија на претставата „Немам каде да се вратам“, во режија на Дени Стојанов, во изведба на театарот Kunstwerksstatt од Скопје.

Во образложението стои дека претставата го добива највисокото признание за квалитетна колективна игра со комплицирана естетика во изразувањето на сериозна светска проблематика, низ која се проткајува будење на општествена одговорност и емпатија.

Кристина Николова ја доби наградата за главна женска улога за филигранското пласирање на успешно изградениот лик на Ева во претставата „Умри Машки“, во режија на Томе Атанасов од Дом на Култура „Мирка Гинова“,од Демир Капија.

За најдобра епизодна женска улога наградата отиде кај Мила Глигоровска за стабилно и конкретно субјективизирање на ликот на „Теодора Фон Кролок“ во претставата „Возможна приказна Абракадабра“ во изведба на Летечка театарска трупа од Тетово.

Најдобра епизодна машка улога за Орхан Багашов за покажаниот творечки ангажман, за потенцијалот и свежината што ја внесе во своите појави на сцена во улогата на Ѓоре Шекспир, во претставата „Живкова Слава“ во узведба на Летечка театарска трупа од Тетово.

Наградата за машка главна улога беше доделена на Виктор Анѓелкоски за врвното актерско мајсторство – улогата на Џош, во претставата „Бенг Бенг и Мртов си“, во изведба на Н.У.Ц.К.”АСНОМ” од Гостивар.

Наградата за најдобра режија отиде во рацете на Александар Нешкоски за вешто обмислен концепт низ кој мајсторски се провираат интимните идеали кои се вечна проблематика на општеството за претставата „Бенг Бенг и мртов си“.

Наградата за најдобра претстава за деца ја доби аматерската претстава „Возможна Приказна- Абракадабра“, во изведба на Летечка театарска трупа од Тетово.

Наградата за истражување на нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар беше доделена на претстават „Робоград“, во изведба на А.Т Колектив Ветерница Скопје.

И специјално признание на Зоран Никодиновски за 50 години негување на аматеризмот во Македонија.