Продолжува евакуацијата на заглавени граѓани во поплавените подрачја во централна Грција

|

Во близина на градовите Кардица, Трикала и Лариса продолжува акцијата за спасување и пренесување на безбедни локации на граѓаните заглавени во објекти во поплавените подрачја, а и денеска вниманието е насочено кон реката Пиниос во поширокиот регион на Лариса која е надојдена и во одредени делови веќе има излевања, јави дописничката на МИА од Атина.

Во невремето „Даниел“ што од вторникот ја зафати Грција, животот го загубија десет лица, официјално, според надлежниот министер, четворица се исчезнати, а спасени се над 2.000 граѓани.

Цели области во подрачните единици Кардица и Трикала се под вода и кал, а онаму каде што водата се повлече веќе се видливи штетите, кои се чини дека се особено големи во селата во општина Паламас.

Одредени села сѐ уште се без вода и струја, а од општините започна со дистрибуција на вода за пиење, лекови и храна.

Спасувачките тимови од противпожарната служба и армијата продолжуваат со чамци и булдожери да ги евакуираат луѓето заглавени во поплавените села, додека пак евакуираните се префрлаат во згради на општините и во училиштата, а голем е бројот на оние кои ноќта ја поминаа таму, откако вчера беа извлечени од нивните поплавени домови.

Во Лариса, постои страв од можно, целосно излевање на реката Пиниос, бидејќи според грчките медиуми, нивото на водата е десет метри.

Токму поради поплавите во близина на Лариса од ноќеска е привремено затворен дел од автопатот од Солун кон Атина пред Катерини, а возилата се пренасочуваат кон автопатот Егнатија. (МИА)