Книгата поезија „Аутопсија на љубовта“ од Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон, беше промовирана вчеравечер (18 април) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. „Аутопсија на љубовта“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е прва книга на младиот автор.
Книгата содржи длабоко интимна поезија, еден вид внатрешна исповед на авторот. Тој се соголува себеси, интензивно чувствува љубов, копнеж, страв, безнадежност, апсурд…
‒ Љубовта е единственото нешто за кое вреди да се живее. Да не е таа зошто воопшто човек би живеел со стравови, кон што би бил насочен копнежот, ќе нема мост преку безнадежноста… Не зборувам само за возвратена љубов. Возвратената љубов е чиста радост затоа што универзумот те споил со друга душа која те љуби исто така. Не секогаш тоа е вечно, но со неа треба да се однесуваме како да ќе трае бесконечно. За човекот е еднакво важна и невозвратената љубов, која е коктел од повеќе емоции. Сепак, има нешто многу длабоко во тоа да љубиш и да не добиваш ништо за возврат, да се даваш себеси без да очекуваш каква и да е физичка или емотивна награда. Љубовта е единствената смисла на постоењето ‒ вели Moџо Килингтон.
Помеѓу стиховите во кои се испреплетуваат тагата, болката и разочарувањето, како противтежа, авторот ја спротивставува љубовта како нешто што ќе го спаси светот. На границата помеѓу животот и смртта, сонот и јавето, постоењето и непостоењето, ангелите и демоните, е таа, неговата љубена, по која тој посега, а патиштата никако да им се вкрстат. Како расипан часовник чиишто показалки се застанати далеку една од друга, проколнати да не се сретнат никогаш.
‒ Кога почнав да пишувам не ни знаев дали воопшто имам демони во себе. Само ме интересираше дали можам да напишам песна. Напишав една, помислив, добро, една може да е случајност, ајде уште еднаш да пробам и ми се допадна. Потоа ги запознав и демоните кои не знаев ни дека живеат во мене, но научив да живеам со нив и да ми помагаат. Сега сѐ помалку се обидувам да се борам против нив и сѐ повеќе ми се коавтори во пишувањето. Станавме пријатели. А после секоја песна чувствувам некое олеснување, некаков духовен оргазам на празнење што помага да се чувствувам подобро, и на крајот, откако ќе прочитам, да се сфатам и самиот подобро. Поезијата, барем за мене, не е уметност во која учествува и логиката и разумот, затоа и никогаш не поправам песна, иако понекогаш ми доаѓаат подобри решенија за одредени стихови. Тоа е моментално емотивно празнење и не мора да е толку убаво, колку што мора да е искрено – истакна младиот автор.
Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Дел е и од популарната македонска комична и сатирична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Уредник е на интернет страницата FN.mk, ориентирана на комедија и сатира, која објавува сатирични „вести“ кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.