Путин има решение за Саудијците: Бидете паметни, купете ги нашите ракетни системи и заштитете ја вашата нафта

|

Русија е подготвена да ѝ помогне на Саудиска Арабија да ги заштити своите нафтени постројки кои во саботата беа на мета на напади со дронови, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Подготвени сме да понудиме соодветна помош на Саудиска Арабија. Би било доволно лидерите на земјата да донесат мудра одлука каква што своевремено донесоа челниците на Иран купувајќи „С-300“ и како што тоа го направи турскиот претседател Ердоган купувајќи го најновиот „С-400“ ракетен систем за против-воздушна одбрана“, изјави Путин после состанокот со иранскиот лидер Хасан Рохани и првиот човек на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Според Путин, руските ПВО системи би ги заштитиле инфраструктурните постројки на Саудиска Арабија.

Кога станува збор за Сирија, Владимир Путин изјави дека мир во таа земја може да се постигне само со примена на политички и дипломатски средства од сите вклучени страни.

Според Путин, трите земји – Русија, Иран и Турција треба да превземат дополнителни чекори за во Идлиб да биде искоренета „терористичката закана“. Сепак, Турција смета дека едно такво сценарио би можело да доведе до нов голем егзодус на цивилното население на Сирија.

„Ние не можеме да седиме и да гледаме како се случува нова трагедија која би можела да погоди четири милиони луѓе недалеку од нашата граница. Таквиот развој на настаните не би ја погодил само Турција, туку и цела Европа“, порача турскиот претседател Ердоган.