Шведска е толку успешна во рециклирање на отпадот што мора да го увезува од други земји

ИЗВОРСкопје24
|

Според последните истражувања е утврдено дека Шведска е успешна во рециклирање на отпадот до таа мера што оваа држава почнала да увезува отпад од други земји за да го рециклира.

Шведска е една од првите држави која воведе такса на фосилните горива во 1991 година и сега воглавно користи обновлива електрична енергија, пренесува “Independent”.

“Швеѓаните се ориентирани кон животот во природата и свесни се за работите кои мора да ги прават за да ги решат проблемите во околината. Долго работевме на тоа да ги убедиме луѓето дека рециклирањето е потребно за да можеме да напредуваме понатаму”, изјавила директорката за комуникации на компанијата за рециклирање “Avfall Sverige”, Ана Карин Грипвел.

Во текот на последните неколку години, Шведска развила посебен систем за рециклирање така што дури и отпадот кој го согоруваат приватните компании го користи за загревање на домовите во текот на долгите и студени зими.

“Тоа е клучната причина зошто имаме ваква мрежа, така што можеме да извлекуваме што е можно поголема корист од отпадот. Во другите држави, тој поминува низ оџакот, кај нас се користи за повеќе работи”, додала Грипвел.

Целта на многуте кампањи покренати од “Avfall Sverige” е да се испрати порака до луѓето дека отпадот може повторно да се користи за многу цели. Сепак, директорката го наведува увозот на отпад од другите држави како привремена ситуација, велејќи дека Шведска очекува другите држави да го следат нејзиниот пример и да го користат отпадот на истиот начин.

“Свесни сме дека за сето тоа е потребно уште време”, заклучила Грипвел, додавајќи дека шведските власти вложуваат во производство на иновативни техники за рециклирање и унапредување на многу системи во државите.