Досега се сослушани околу 30 лица во врска со синоќешниот пожар во катедралата Нотр Дам, соопшти претставник на париското правосудство. Најголемиот дел од нив работеле на реставрација на катедралата.
Според претставникот на париското правосудство, кој побарал да остане анонимен, противпожарниот аларм синоќа се огласил двапати. Првиот пат, неколку луѓе, меѓу кои и пожарникари кои биле постојано на градилиштето, отишле под покривот да видат што се случува, но ништо не откриле. Вториот пат било предоцна, бидејќи ветрот бил пресилен.
На случајот работат меѓу 40 и 50 истражители, но не им е дозволено да влезат во катедралата од безбедносни причини.
Францускиот свештеник и капелан на париската пожарникарска бригада Жан Марк Фурние е еден од хероите на синоќешното спасување на катедралата Нотр Дам.
Фурние храбро втрчал со пожарникарите во запалената катедрала и од неа ја спасил „Круната од трња“, за која се стравуваше дека е изгубена во пожарот кој со страотна брзина се разгоре и по кулата и покривот, ја зафати речиси целата црква.
„Отец Фурние е апсолутен херој. Тој не покажа страв кога втрча право по реликвиите во катедралата и ги спаси. Тој се носи со животот и смртта секој ден и не покажува страв“, кажа припадник на службата за брза помош.
„Отецот Фурние влезе со пожарникарите во катедралата Нотр Дам за да ги спаси Круната од трња и благословениот сакрамент“, потврди и уредникот на француската католичка телевизија КТО Етјен Лораије.
Овој свештеник ја почнал кариерата во Германија, а потоа се префрлил во Франција. Се придружил на оружените сили во 2004, и минал седум години со француската војска низ светот. Во Авганистан преживеал заседа од талибанците во која биле убиени 10 војници.
Католиците веруваат дека Круната од трња, која се наоѓаше во Нотр Дам, е венецот од трња кој му бил ставен на главата на Исус Христос пред неговото распнување на крстот. Во Париз во 1238 година ја донел францускиот крал Луј Деветти. Реликвијата се чува во златен сандак во ризницата на катедралата и само повремено се изнесува за верниците да можат да ја видат.