„СРЦЕ ОД МАСТИЛО“ – МАГИЧНИОТ РОМАН ЗА ДЕЦА, НОВО ИЗДАНИЕ НА ТРИ

ИЗВОРСкопје24
|

Издавачки центар ТРИ ја објави книгата „Срце од мастило“ од една од најпочитуваните авторки на литература за деца и млади Корнелија Функе. Романот е во превод на Катерина Јосифоска и е дел од едицијата „Европски приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Корнелија Функе со години е една од најпрепознатливите авторки на голем број наградувани книги за деца и млади, кои насекаде во светот имаат статус на вистински бестселери. Многумина ја нарекуваат германската Џ. К. Роулинг. Таа уште со првите романи ги стекна симпатиите на читателите, а во својата библиографија има повеќе од 40 книги, продадени во над 20 милиони примероци.

„Срце од мастило“ е првиот дел од истоимената мегапопуларна трилогија која на Функе ѝ донесе глобален успех, правејќи ја една од најпродаваните германски автори на сите времиња. Приказна во приказна, „Срце од мастило“ е безвременска книга за магијата на
читањето и за неверојатниот свет на имагинацијата што се одвива во книгите и чии ликови скокаат во реалниот свет. Функе на прекрасен и оригинален начин успеа да создаде свој свет во кој читателите ќе сакаат да се изгубат. За овој роман таа доби многу награди, меѓу
кои и „Сребрено перо“ во 2006 година.