Сестрата на Емилијано Сала, Ромина, не можеше да издржи да не заплаче по емотивните пораки што ги прочита од навивачите на Кардиф за нејзиниот брат.
Потрагата по Сала е прекината откако властите решија дека шансите за наоѓање на авионот со кој леташе новиот фудбалер на Кардиф се минимални по неуспешното трагање по евентуални преживани во претходните три дена. Ромина допатува во Велика Британија на средба со челниците на Кардиф, по што се упати во делот пред стадионот каде фановите на клубот во изминатите денови оставаа шалови и букети со цвеќе со посвета до аргентинскиот ас кој нкогаш не го облече дресот на оваа екипа.
Ромина уште еднаш побара да биде продолжена потрагата по нејзиниот брат, кој од вторникот се води за исчезнат откако на авионот со кој леташе од Нант кон Кардиф му се загуби секоја трага по прелетувањето над Британскиот канал.
Семејството на Сала не може да се помири со фактот и натаму бара одговори. Нивните барања ги слушна целиот фудбалски свет, па личности како Лионел Меси, Џиџи Буфон и други ѕвезди побараа потрагата да продолжи.
Брзо беше формиран сајт за донации за да продолжи потрагата. Потребни се околу 150.000 евра за потрагата повторно да почне, а за помалку од 24 часа собрани беа 110.000 евра. Донациите доаѓаат од сите страни, а со свои средства помагаат и фудбалските ѕвезди.
Потрагата ќе ја организира семејството на Сала и ќе бидат ангажирани приватни спасувачи.