На третиот ден од празникот Божик светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера.
Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана христијанска општина. Биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен архиѓакон.
Еднаш мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Исус Христос напомнувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе. Посрамотените противници што не можеле на Стефан да му се спротивстават со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсиевите закони. Разгневениот народ поверувал на лажните обвиненија и на лажните сведоштва. Го изнесле Стефан надвор од градот и го каменувале. Народот што го каменувал Стефан му ја соблекол белата облека и му ја дал на едно момче по име Савле да ја чува. Тоа момче, во тоа време жесток противник и прогонувач на христијаните, подоцна со името Павле, станало најголем приврзаник и афирматор на христијанството.
Култот на св. Стефан е стар колку и самата Христова црква, зашто тој е почитуван исто колку и апостолите. Уште светиот апостол Павле него го нарекува маченик Христов. Расказот за него може да се прочита во новозаветната книга Дела апостолски.
Народот го празнува Свети Стефан на 9. I./27 XII, а тоа е третиот ден од празникот Божик. Тогаш се оди на именден кај Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен, Стоичко.
Според народните верувања овој ден од дома се изнесува божиќна слама. Некаде е традиција да ја изнесуваат жените.