Во издание на „МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА“: ОБЈАВЕН РОМАНОТ „ОБИТЕЛ“ НА РУСКИОТ ПИСАТЕЛ ЗАХАР ПРИЛЕПИН

ИЗВОРСкопје24
|

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави романот „Обител“ на рускиот писател Захар Прилепин, во превод од руски јазик на Ленче Тосева. Романот е награден со неколку книжевни награди, меѓу кои и со највисоката руска книжевна награда – „Бољшаја книга“.

„Обител“ е базиран врз вистински настани и расветлува една темна точка и раскажува една дотогаш нераскажана трагична приказна од времето на сталинизмот: Соловецкиот манастир, претворен во ужасен логор, во првиот гулаг. Логорот се наоѓа на северот на Русија, во Белото Море. Основан е по Октомвриската револуција во 1917 година, какао Соловецкиот логор за специјални намени (т.н. СЛОН), првиот од новата мрежа на казнени логори во СССР. Во манастирот – затвор нема само белогардејци, туку и црвеноармејци, чекисти, ленинисти, сталинисти, кулаци, наемници, поети, свештеници, убијци, манијаци…, каде што џелатите стануваат жртви, а затворениците стражари.

Прилепин романот го пишувал три-четири години, истражувајќи многу литература, архивски материјали, мемоари и досиеја на затвореници. Логорот Соловки е посебен феномен, првиот гулаг,
и не може да се спореди со идниот Гулаг, но имало ужаси за кои не се очекувало да се слушне во Русија: ужасни затворски услови, глад, тешка исцрпувачка работа, беспричински егзекуции, неразумни казни…

„Во руската култура постојат две традиции: трагедиска и херојска. Достоевски е трагедиска фигура, Толстој – херојска. Шаламов е трагедиска фигура, Солженицин – херојска. Прилепин точно ја следи херојската традиција. Прилепин е Големиот Стил. Никој не умее, но тој умее“ – напиша рускиот писател Андреј Рубанов за Захар Прилепин по објавувањето на „Обител“.

„`Обител` е совршено грандиозен текст, прекрасен, сеопфатен, физички опиплив – во дијапазон од болка до сладострастие“, пишува Шамиљ Керашев.

Захар Прилепин (1975) е руски прозаист, публицист, музичар. Во Русија е познат и по политичката, хуманитарната и воената дејност. Тој е ветеран од војната во Чеченија (како командир на одред на специјалната полиција). По политичко убедување е националболшевик и член на партијата Друга Русија.

Книжевна афирмација му донесоа романите „Патологии“ (2005, за војната во Чеченија), „Санкја“ (2006, за млади набљудувачи), „Обител“ (2014)“, „Некои не паѓаат во пеколот“ (2019, роман фантазмагорија), книгите со раскази – „Грев“ (2007) и „Чевли полни со топла вотка“ (2008).

Неколку негови раскази и повести се екранизирани. Автор е и на неколку есеистички и публицистички книги. Приредувач е на неколку антологии и зборници.

Прилепин е добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Национален бестселер“, „Супер- НацБест“, „Јасна Полјана“…
Романот „Обител“ е награден со „Бољшаја книга“, „Книга на годината“, со уште неколку национални и регионални награди, а беше финалист за „Руски Букер“. Во 2016 година за него ја доби наградата на Владата на Русија од областа на културата. Во 2018 година почна да се снима филмска серија според мотиви од овој роман. По објавувањето на „Обител“, Прилепин во руската литература го сметаат за еден од најголемите писатели на модерното време.

„Обител“ е преведен на полски, норвешки, француски, српски, словенечки и ерменски. Делата на Захар Прилепин се преведени на 24 јазици. „Обител“ е прво негово дело објавено на македонски јазик.