Во мај ќе се намалат рестриктивните мерки, но нема наеднаш да се отворат кафулињата и рестораните, рече Филипче

|

Припремата на целокупните процеси за нормализирање на животот по намалувањето на рестриктивните мерки ќе почнат да се прават од следната недела, и тоа не е воопшто рано за сега да се прават, вели министерот за здравство Венко Филипче.

„Тие секако ќе почнат да важат после пикот на болеста, кон почетокот или средината на мај, меѓутоа сега е важно да се направат сите планови за да може сите да се организираат. Нема да може веднаш да се врати животот во нормала со сите гужви, со оваков тип на работат на кафулиња, ресторани, огромните фабрички хали. Сите тие ќе треба да почитуваат одредени правила заради тоа што голем број пациенти може да се јават како втор пик, ако овие правила не се почитуваат“, рече министерот на редовната прес-конференција.

Според Филипче, во некој подоцен перид може ќе треба да се прави скрининг на имунитетот на населението, ама не во овој момент бидејќи се уште има нови и нови дијагостицирани пациенти.

„Засега имаме раст кој е под контрола, сега се води борба за идентификување на нови пациенти и ставање во целосна изолација на нивните контакти. Мерките за движење на асимптоматските случаи ќе го оневозможи ширењето на заразата. Во следните месеци може да размислуваме за некој поинаков пристап“, додаде министерот.