Загреб поплавен по обилните дождови, забележани екстремни количини на врнежи

|

Обилните дождови кои паѓале вчера го поплавиле Загреб и други делови на Хрватска.

Пожарникарите имале стотици интервенции поради поплавени подруми, станови и сутерени, училишта но и излевање на канализација. 

Освен пожарникарите на загрепската Јавна пожарна единица, на интервенција биле пратени сите доброволни пожарни друштва, 57, и секое имало по неколку интервенции.

“Интервенции има голем број. Не ги броиме, едноставно немаме време да ги броиме. Има стотина интервенции за испумпување на вода. Се почна во околу 19 часот и не завршува никако”, изјавил командантот на Јавната пожарна единица на Град Загреб, Мирослав Мерчеп.

Само Жупанскиот центар во Загреб примил неколку стотици повици од граѓаните.

Во повеќето случаи се работело за загрозување на сообраќајот, запушени одводни канали, поплавени подруми, сутерени, деловни простории и дворови.

Според информациите на хрватските портали во Загреб во просек паднало 60 мм/м2 дожд на западот на градот, па се до 98 мм/м2 на истокот на градот.

На подрачјето на Велика Горица биле забележани 95мм/м2 дожд, соопштено било утрово од Цивилната заштита на Град Загреб.

Големи количини на дожд паднале вчера и на подрачјето на Далмација, пред се во Задар, како и во делови на Славонија.