Премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн порача дека ќе мора да се даде одговор на прашањето зошто на туристите им било дозволено да го посетат Белиот остров, иако сеизмолозите предупредиле дека постои опасност од ерупција.
„Овие прашања мора да се постават и на нив мора да се даде одговор“, изјави Ардерн во парламентот.
Околу 47 луѓе биле вчера на овој инаку ненаселен остров за време на ерупцијата на вулканот. Како што пренесуваат тамошните медиуми, некои од евакуираните се здобиле со изгореници опасни по живот.
„Сега е јасно дека постоеле две групи на островот – тие кои што можеле да се евакуираат и тие кои што биле во близина на ерупцијата“, изјави Ардерн.
Таа порача дека ја дели тагата со најблиските на тие кои што ги загубиле животите и по кои се трага и додаде дека размерите на оваа трагедија на Нов Зеланд се катастрофални.
Меѓу загинатите има туристи од Австралија, САД, Велика Британија, Кина, Малезија и Нов Зеланд.