БРАЌАТА ТЕО И ЛЕО СЕ ХЕРОИ ОД ПЛАЖАТА ВО ПЕФКОХОРИ: Двете момчиња го спасиле од давење петгодишниот Тадија, емотивна порака на таткото

|

Пресреќниот татко на социјалните мрежи објави и фотографија од двете момчиња, бескрајно заблагодарувајќи им што му го спасиле синот.

Тео и Лео се браќата кои го спасиле малиот Тадија (5) од Србија, кој за малку ќе се удавел на плажа во Пефкохори пред две недели.

Тадија по несреќата бил во грчка болница во вештачка кома. Сега е добро: денес е пуштен од болница, изјави за Блиц.рс неговиот татко Ангел.

Пресреќниот татко на социјалните мрежи објави и фотографија од двете момчиња, бескрајно заблагодарувајќи им што му го спасиле синот.

„Вчера ми се јавија родителите на овие две момчиња и ми ја објаснија ситуацијата: еден видел како Тадија лебди на водата, а потоа дошол неговиот брат и го фатил Тадија. Тргнале да го носат кон брегот, што значи овие двајца браќа го спасиле Тадија“, напишал тој.

Додал и дека момчињата се викаат Тео и Лео и дека во прашање се „светски херои“, како и дека во Србија секогаш ќе имаат пријатели.

„Должници сме им до крај на животот“, заклучил Ангел.

Како што изјавил Ангел за Блиц, родителите на Тео и Лео го контактирале него и тој не знае ништо за семејството, освен дека му го спасиле детето. Им понудил да ги угости кога ќе дојдат во Србија.

Како што може да се види на социјалните мрежи Тео и Лео имаат уште тројца браќа, нивното семејство е со грчко потекло, а живеат во Шведска.

Петгодишниот Тадија за малку ќе се удавел на 22. август на плажата во Пефкохори, а успешно го реанимирал лекор кој за среќа се нашол тука како турист.