Драматичната снимка од Бахами која се прошири на социјалните мрежи, на прв поглед изгледа како да прикажува разбрането море, но станува за нешто сосема друго.
Иако на прв поглед изгледа како снимка од разбрането море, сепак станува збор за меѓународниот аеродром во Фрипорт кој е целосно потопен после налетот на еден од најопасните урагани на сите времиња – ураганот „Доријан“.
На фотографијата подолу може да се види како изгледа аеродромот во „нормални услови“, а како после налетот на ураганот, со што најдобро можат да се видат вистинските последици од моќта на „Доријан“.
Станува збор за ураган од петта категорија кој со својот најсилен интензитет деновиве ги погоди Бахами и таму се задржа околу 40 часа. Од Националниот центар за урагани објавија дека во одредени делови на Бахами биле забележани ветрови со брзина од дури 320 километри на час.
Ураганот на Бахамите однесе и пет животи, а моментално се движи кон американската сојузна држава Флорида, каде што се очекува да пристигне ослабен во категорија два.
Според проценката на Обединетите нации, најмалку 61 илјади лица на Бахами имаат потреба од помош. Од Црвениот крст соопштија дека според нивните проценки, околу 13 илјади куќи се оштетени или уништени на островите Абако и Гранд Бахама.