Во Либија владее целосен хаос од 2011-та година кога бунтовниците насилно го симнаа од власт и го егзекутираа долгогодишниот лидер на земјата, Муамер Гадафи.
Денес во оваа земја на северот на Африка практично владеат две влади – владата од Триполи која што има поддршка од Обединетите нации и друга на истокот на земјата во градот Тобрук која е поддржана од познатиот генерал Калифа Хафтар и неговата армија, поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Младиот полковник Муамер Гадафи имал само 27 години кога заедно со своите колеги од војската извршил државен удар, го срушил од власт кралот Идриз Први, ја укинал монархијата и ја прогласил Либиската Арапска Република. Пред точно 50 години тој дојде на власт во Либија.
Гадафи е поранешен студент на Харвард и Оксфорд, роден во бедуински шатор во пустина и еден од најмладите претседатели во Африка. Пример му бил египетскиот претседател Насер кој многумина во арапскиот свет го гледаат како симбол на арапската слобода и дигнитет.
Муамер Гадафи за време на своето 24-годишно владеење немал никаква службена функција, не беше ниту претседател, ниту премиер, туку беше полковник, односно диктатор со неограничена моќ во државата. Неговата идеологија беше мешавина на арапски национализам и социјализам. Тој ги забрани опозициските партии, ги национализираше нафтените компании и банките, протера 25 илјади Италијанци од земјата и во 70-тите години профитираше од „експлозијата“ на цената на нафтата.
Либија така стана богата земја со која „наводно“ владееше народот, меѓутоа сите работи ги контролираше Гадафи. Населението полека започна да се преселува во модерни станови со вода, електрична енергија и сателитска телевизија. Според системот кој го разви Гадафи, образованието и здравството во Либија беа бесплатни.
Покрај тоа, пред доаѓањето на власт на Гадафи, само 25% од населението било писмено, додека пак денес 83% од Либијците читаат и пишуваат, а 25% имаат факултетска диплома.
Секој Либиец кој не можел да најде вработување по завршувањето на школувањето добивал парична помош во висина од платата предвидена за тој вид на професија за која што се школувал. За секое родено дете жените добивале по 5 илјади американски долари. Дел од парите заработени од продажбата на нафта се слевал на сметките на граѓаните.
Банките не работеле со камати затоа што биле државни, а режимот на Гадафи нудел поддршка и за младите брачни парови кои добивале по 50 илјади долари за да купат стан и основаат семејство. Државата партиципирала во купувањето на автомобилите со дури 50%, а горивото било практично бесплатно, односно 0,14 долари за литар.
Противниците на неговата власт ги ликвидирал во Либија и странство, а во 1982-ра година изјави дека „одговорност на либискиот народ е да го ликвидира секого кој го нарушува либискиот углед во светот“.
Во март 2011-та година тој предупреди дека без стабилна Либија нема да има кој да ги контролира бегалците од Африка и Блискиот исток кои ќе бегаат во Европа. Неколку месеци подоцна, на 20-ти октомври 2011-та година го ликвидираа бунтовничките сили во неговото засолниште во градот Сирт.
Поранешниот американски претседател Барак Обама изјави дека најголемата грешка во неговиот мандат била Либија која сега е во хаос. Обама смета дека интервенцијата во Либија била добра одлука, но погрешил што не направил ништо после тоа за да се среди хаосот.