Беркшир Хатавеј, компанијата на Ворен Бафет е повторно активна.
Конгломератот на Ворен Бафет ќе потроши 4 милијарди долари за купување на компанијата за пренос и складирање на природен гас „Доминион енерџи“. Вклучувајќи ја и претпоставката за долгот на компанијата, вкупниот договор изнесува скоро 10 милијарди американски долари. Ова е прва голема набавка од страна на Беркшир по падот на берзите во март оваа година.
На годишната средба со акционери во мај, Бафет откри дека Беркшир подготвил рекордни 137 милијарди американски долари за инвестирање во компании на прилично резервираниот финансиски пазар. Сепак, тој нагласил дека не видел многу поволни зделки, и покрај големиот пад на вредноста на акциите на берзата.
„Не направивме ништо бидејќи не видовме ништо атрактивно за инвестирање“ – рекол Бафет во своето излагање. Истовремено се осврнал и на мерките превземени од страна на Федералните Резерви оваа година, а со кои е овозможен и полесен пристап на компаниите до средства за инвестирање на берзите, нешто што не било случај во периодот 2008-2009 година, кога таквите мерки изостанале.
„Доминион енерџи“ е компанија која се фокусира на производство на чиста енергија од ветер, сонце и природен гас. По продажбата, Доминион очекува дека 90% од својата идна оперативна заработка ќе биде од нејзините деловни единици кои обезбедуваат енергија на повеќе од 7 милиони клиенти во САД.
За Беркшир, овој потег во голема мерка го зголемува учеството во бизнисот со природен гас. Со набавката, „Беркшир Хатавеј Енерџи“ ќе има удел од 18% од целиот меѓудржавен пренос на природен гас во Соединетите Држави, што е пораст од 8% во моментов.
Договорот за купување на „Доминион енерџи“ од страна на Беркшир Хатавеј е предмет на регулаторно одобрување и се очекува да биде реализиран во четвртиот квартал од оваа година.