Документарниот филм „1000 години Сведок на Светлината“ посветен на нашиот најсвет хран, Бигорскиот манастир Св Јован Крстител, ќе се емитува овој петок, 15 април, со почеток од 20 часот, на Македонската телевизија.
Филмот е еден од најдолго сниманите во нашата земја, реализацијата траеше околу пет години, а е снимен по сценарио и режија на Илија Ико Каров, снимател Илија Жоговски, продукциска екипа Благој Веселинов, Бранко Блажевски, Горан Костадинов, Горан Трајковски – Готра, Братислав Зафировски, Дарко Данилов… е во Продукција на КАТ ПРОДУКЦИЈА од Скопје.
Режисерот Илија Ико Каров, на официјалниот веб сајт од филмот обраќајќи се на публиката и јавноста вели:
„На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, кој сведочи за една друга убавина – не од овој свет. Тоа е токму онаа убавина, оној елемент, петтиот, кој е самата смисла на веќе добро познатите четири елементи. Тоа е токму тој елемент кој многумина мудри и просветлени философи го положиле во центарот, како есенцијална смисла на просветлувањето, оттаму и дека „Убавината ќе го спаси светот“.
Филмот покрај премиерата ќе биде истовремено достапен за гледање и на официјалниот YouTube канал на Бигорскиот Манастир со што филмската екипа која го снимаше, ги губи правата да учествува на филмски фестивали, но како што велат љубовта према луѓето и самиот манастир им е поголема, и им е доволна награда за се.
„Само колку да се знае: со прикачувањето на филмот он-лајн, ние, авторската екипа, ги губиме сите права за учества на филмски фестивали. Но тоа никако не ни предизвикува чувство дека сме изгубиле нешто. Напротив, сите вие, заедно со црнорисците од Бигорски, сте нашата најголема награда која ја добивме преку овој филм“, велат од актерската екипа.