Клиничка ефикасност на Бел или Млечен трн

ИЗВОРНов Лист
|

Бел или Млечен трн вид на трн кој припаѓа на група цветни растенија кои се карактеризираат со лисја со остри боцки на рабовите, најмногу од фамилијата Asteraceae.

Екстракти од белиот трн и изолиран флаванолигнански комплекс силимарин се користат за третман на:
• труење со аманита габи (најмногу при труења со токсичната Amanita phalloides),
•  хепатитис (акутен и хроничен),
•  алкохолно хепарно заболување и алкохолна цироза,
•  хиперхолестеринемија, и
•  псоријаза.

Ефикасноста на белиот трн била клинички испитувана за сите наведени хепарни заболувања. Утврдено е дека белиот трн ги подобрува вредностите за ензимите аминотрансферази кои се индикатори за нарушена функција на црниот дроб. Добиени се голем број позитивни наоди, но сепак досегашните докази не се доволно јасни за да се утврди кога белиот трн може да биде поефикасен кај некои заболувања на црниот дроб во однос на конвенционалните лекови, а тешко може да се дефинира времетрaењето на терапијата. Индикација за која со сигурност може да се каже дека белиот трн е ефикасен е труење со отровни габи (Amanita phalloides).[8-11] Во ваков случај всушност се користи изолиран силибин кој се дава интравенски 20 mg/kg телесна тежина во тек на 24 часа, поделено во 4 инфузии.

Несакани ефекти, контраиндикации. Белиот трн е асоциран со појава на неколку, генерално, слабо изразени несакани ефекти. Во рандомизираните испитувања за дефинирање на несаканите ефекти, инциденцата за нивната појава била речиси еднаква во групите третирани со брл трн и со плацебо групите. При орална апликација може да се јават гастроинтестинални проблеми (наузеја, дијареја, диспесија, абдоминална подуеност, абдоминална болка и анорексија, промени во дебелото црево), главоболки, кожни реакции (пруритис, осип, уртикарија, егзема), невропсихолошки нарушувања (несоница, малаксаност), артралгија и риноконјуктивитис Белиот трн ја зголемува хепарната функција и на тој начин може да влијае врз метаболизмот на лековите. Во повисоки дози (повисоки од 1500 mg/ден) силимаринот може да предизвика лаксативен ефект кој се должи на зголемен проток и на секреција на жолчка.