Шафхаузен часовник,од истата фирма, има и рускиот претседател Путин, како и поранешниот француски претседател Саркози.

|

Велат дека овие години се клучни за иднината на класичните, механички часовници. Доколку ја преживеат инвазијата на пластичните мерачи време, Smart watch, Apple Watch поврзани со мобилните телефони, секако – смартфони… им следат децении мирен живот.

Но, не е ова прв предизвик за механичките, стари добри часовници. Минале тие и други тешки години, од појавата на кварцните часовници кога Сеико во 1969 година го промовираше својот модел Астрон, прв во низата илјадници кварцни модели кои уследија потоа.

Нов, сериозен удар врз мануфактурите во Швајцарија, јувелирите и мајсторите за механички часовници, беше појавата на Своч (Swatch) пластиканерите кога на 1 март 1985 тие во Цирих отворија ново поглавје во индистријата на кварцните часовници: одлично дизајнирани, подобар квалитет и помала цена од јапонските кварцови, трендовски селектирани за младата и нешто постара генерација која часовникот го гледа како дел од својот стил на облекување, и повремено мерење на време.

Своч (Swatch) низ децениите потоа направи индустрија, најголема часовничарска империја во светот на сите времиња, која во 2014 година е присутна во 52 држави и вработува повеќе од 35.000 луѓе. Кога во 1983 година Своч беа основани во малото швајцарско градче Биел, како здружување на две мали фирми за часовничарски делови, никој не очекуваше дека доаѓа убиецот на традицијата и мануфактурите кои ја прославија Швајцарија, и усреќија многу луѓе со престижните механички рачни часовници.

Денес, три децении потоа, Своч групата е сопственик на имиња кои биле престиж и гламур во светот на часовниците, во деловниот и господски свет, и аристократијата. Гламурозната часовничарска мануфактура Blancpain, основана во далечната 1735 година, со аквизиција во 1992 прва падна во рацете на пластичарите од Своч.

Фирмата Blancpain била позната како исклучително ценета и квалитетна во изработката, од врвната класа блиску до Rolex, Patek Phillipe, Chopard, или Cartier. Имале мануфактура која изработува само 30 рачни часовници на ден, еден часовник од почеток до крај изработуван од рацете на еден мајстор. Работилница за магија и отменост во механизмот на рачниот часовник, со потпис Blancpain. Биле толку добри што се одбрани за службени часовници на американската морнарица, а нивниот модел Tourbillon Limited се произведувал во само еден примерок годишно, и се смета за еден од најсложените часовничарски механизми на сите времиња.

Сета таа историја, традиција, магија и уметност во 1992 паѓа во рацете на Своч групата. По нив, дел од Своч стануваат ништо помалку славните часовничарски имиња како Brequet, Omega и германскиот Glashute, заедно со пониската средна класа брендови како Longines, Rado или Tissot. Историјата на часовниците се менува. Станува трговија.

Но, и со тие предизвици, делот на часовничарската уметност и традиција успева да остане надвор од трговијата како цел на постоењето, и да ја задржи традицијата, престижот и метафората за успех и себепотврдување кај оние кои на својата рака имаат некој од механичките рачни часовници.

Се уште најдобрите се изработуваат рачно, од неколку стотици делови, работени според традиција која е семејна, па и регионална. Секој механизам, секој дизајн на тие рачни часовници има свој мајстор, потпис, свој сериски број и свое значење за сопственикот кое надминува сатисфакција од добро купена работа.

Во отмените европски куќи добрите рачни часовници се ценат како накит, и се предаваат од таткото на синот… како највреднен личен подарок со идентитет. Нивната цена е различна, од челичните кои се продаваат са 3-4.000 евра, до најсложените механизми, наречени Компликации (Complication), од платина или розево злато чија цена надминува 100.000 евра, без дијаманти и драги камења кои го упропастуваат дизајнот и отменоста.

Во швајцарските брда и Алпи со векови, низ малите села и варошици, се изработуваат механички часовници со автоматско, или мануелно навивање, кои потоа се нашле меѓу кралевите, политичарите, банкарите, трговците со добар вкус, уметниците… Во таа мануфактура нема измами и маркетиншки досетки кои зборуваат се, а не значат ништо. Секој добар швајцарски механички часовник има цертификат од нивната асоцијација, забележан со мали букви на долниот дел од челната страна, или внатре во механизмот кој го движи самиот часовник. Тоа е индустрија со малку вработени, но екстремно стручни и добро платени мајстори. Секој од нив традиционално швајцарски ја чува тајната на изработката, и традицијата на дизајнирањето на механизмите. Најголемo производство во тој елитен свет, од 2.000 часовници дневно, денес има Rolex.

Секоја пролет, во Базел, се одржува саем на часовници кој уште по својата промоција, организација, комуникација меѓу учесниците и односи со јавноста… покажува дека светот на часовничарите е отмен, понаков од светот на трговците, и на другите саеми.

Со вековите, се издвоиле некои брендови кои означиле стандарди, иновации и правци на развој на индустријата, и создале идентитет во јавноста.

Престижните имиња од врвот, како Patek Phillipe, Piaget, Vacheron Constantin, Jaeger LeCoultre, Brequet или Audemars Piguet... се уметност. Најсложени мехнизми, најплеменити благородни материјали, најдобрите производи им се изработувани во најмногу десетина-дваесет примероци годишно по нарачка за познати муштерии… со цени од 20.000 до 200.000 евра, без драги камења на нив, носеле и носат аристократи, врвни банкари и бизнисмени, политичари и милионери со вкус.

Омилен модел на некогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито бил Patek Phillipe часовник – модел со механизам 1591 изработен 1944 година од злато. Тогашната вредност му била околу денешни 30.000 евра. Тој часовник, по неговата смрт, е продаден во 2001 година од аукциската куќа Филипс за 3,1 милиони швајцарски франци. Модел сличен на овој кој го носел Тито, од истата фирма, има и рускиот претседател Путин, како и поранешниот француски претседател Саркози.

Оние кои можат да си дозволат високи цени и оригинални примероци, но не биле љубители на едноставен и чист дизајн како претходните, па им биле поблиски модерниот и оригинален изглед одбираат Chopard, Cartie, Blancpain, Glashute, Rolex или Lange & Sohne. Тоа се часовници омилени кај модерните успешни бизнисмени, берзантски експерти, политичари и високата средна класа меѓу успешните лекари, адвокати или архитекти. Нивната цена, од 10 до 50.000 евра е висока, но таквите модели се купуваат еднаш, или два пати во животот на успшните луѓе со осет за традиција и рафиниран вкус.

Најголем удел на пазарот, и најголема заслуга за опстанокот и еволуцијата на рачните механички часовници имаат моделите и брендовите од средната класа, со ценовен распон за добрите модели меѓу нив од 5 до 15-тина илјади евра. Славата на спасители им припаѓа на префинетите и моќни механизми на Schaffhausen, Omega, Breitling, Zenith, Corum, Rado, Panerai… или брендовите од понов датум како Hublot или Ulysse Nardin кои за разлика од Schaffhausen, Omega, Breitling ... немаат традаиција од 17. или 18. век, туку се создадени од менаџери и мајстори кои заминале од традиционалните мануфактури, и создале нови брендови во втората половина на 20. век. Нив најчесто ќе ги видите кај спортистите, младите бизнисмени, успешните уметници и филмските ѕвезди.

Свои светли децении, иновации во индустријата и симболика на вкус и тренд имале и добрите модели на Longines, Eterna, Ebel или денес обезвредениот Baume & Mercier.

Разликите воглавно се создавале според сложеноста на механизмите и употреба на материјалите кои ја диктирале цената и дизајнот на рачниот часовник. За разбирање на ова, потребно е да се спомнат некои од технологиите, за секој според називот да може да ја препознае категоријата.

Хронограф, се спортски часовници кои имаат три сказалки, од кои едната е таканаречена штоперица, за мерење на време во лично одбрани интервали. Прв пат се појавил кај швајцарскиот мајстор Николас Рише во џебен часовник, изработен во 1821 година по нарачка на францускиот крал Луј Седумнаесетти, кој го користел да мери време на коњски трки.

Хронометар, се на прв поглед поедноставни часовници со сказалки за час, минута и евентуално секунди, без спортска штоперица. За еден механички часовник да има право на постави ознака Хронометар, мора да добие цертификат од швајцарскиот институт за часовници (Official Swiss Chronometer Testing Institut). Пред да добие цертификат за таков, врвен квалитет и прецизност, поминува низ тестирање на механизмот од 15 дена, во пет различни позиции, на три различни температури.

Комликација, е модел на механизам кој е најсложен, врвен и показ колку една мануфактура, часовничарска компанија има знаења, традиција и иновативност. Тоа се механизми кои понекогаш бројат и повеќе од 500 рачно изработени делови. Имаат дополнителни функции како месечеви мени, вечен календар, мерач и покажувач на енергија на пружината која го навива и движи часовникот… најсложените компликации кои имаат и посебен механизам за отстранување на ефектот на гравитација врз работата на часовниот механизам имаат ознака Турбилион. Првите модели на Турбилион механизми ги изработила во 1795 година фирмата Brequet, а првиот модел го купил Наполеон. Во 1809 полскиот аристократ Станисав Потоцки купил Турбилион Brequet за тогашни 4.600 француски франци, а во 90-тите на аукција часовникот е продаден за 750.000 долари.

Цената на ваквите врвни модели, без вградени скапи материјали или драги камења, оди од 50.000 евра па нагоре. Jaeger LeCoultre Hybris Mechanica е најскап часовник од таа класа, и има цена од 2.5 милиони евра. Со такви часовници се мери времето, не не она кое покажува поминати секунди и минути… туку доброто време кое ќе се памети по периодот кога часовникот бил на раката.

Кој е часовникот кој, ако човек би можел слободно да одбира, би бил најдобар репрезент на уметноста, традицијата и префинетоста на механичките часовници. Притоа, да има и најдобар однос помеѓу цената, она што го дава, и статустот кој го сугерира. Веројтано секој има свој фаворит, но субјективно мојот избор е IWC Shaffhausen.

Тоа е мануфактура со долга традиција и иновативност во механизмите. Почнале во малото швајцарско место Шафхаузен, во 1868 година. Почнале, се однесува на основачите – американскиот инженер Флорентин Џоунс и швајцарскиот часовникарски мајстор Јохан Мозер. Енергичен, како повеќето американски успешни бизнисмени, Џоунс отворил прва мануфактура за изработка на часовници во источна Швајцарија, бидејќи сите претходно почнувале и работеле во западниот, германски јазичен дел на државата.

За прв пат прекршиле и друга традиција. Мајсторите за часовници дотогаш работеле од дома, а Џоунс и Мозер отвориле фабрика со 190 работни места, со користење хидроенергија… што тогаш било сосема нов систем во таа индустрија.

Фирмата се развива како Интернационална Фабрика за часовници Шафхаузен (Internationale Uhren Fabrik – IWC во англиска верзија ) но, главниот развој почнува од 1880 кога фирмата ја купува аристократското семејството на Јохан Ројшенбах кое има сопственост во фирмата над 100 години, се до 1986 година. Еден од првите, и најпознати корисници на Шафхазуен тогаш бил филозофот и психоаналитичар Карл Јунг, кој бил женет за Ема Ројшенбах, ќерка на еден од сопствениците на компанијата.

Во 1885 фирмата излегува со прв револуционерен патент – дигитално покажување на времето, механизмот Палвебер (Pallweber system). Во 1899 тие произведуваат еден од првите рачни часовници во светот, наместо џебните кои биле во масовна употреба.

Во 1944 година фабриката е оштетена од американско бомбардирање, но брзо е обновена. Заради сиромаштијата во Европа по Втората светска војна, главни пазари за Шафхаузен по војната стануваат САД, Австралија и Канада.

IWC Shaffhausen спаѓа во првите фирми кои почнале да произведуваат рачни, наместо дотогаш масовно купуваните џебни часовници, по барање на офицерите и потоа пилотите кои имале потреба од часовник кој е брзо пристапен за употреба. Од 1937 година биле и службен часовник на германската авијација, а еден од нивните најславни модели носи име Пилот.

Друга нивна позната линија носи име Португезе, еден од најпознатите модели на автоматски рачни часовници во светот, кој го добил името по португалските трговци кои во 1939 година нарачале хронограф модел по свој избор, и за свои потреби. Од 1944 година IWC Shaffhausen произведува часовници и за британските пилоти.

Компанијата води прецизна евиденција, и има сериски броеви и документација за сите часовници кои се кај нив произведени, почнувајќи од 1886 година до денес. Имаат резервни делови за секој часовник, без оглед кога е произведен и продаден.

Поголемиот број швајцарски часовници, последниве децении, користат модели на механизми купени од надворешни изработувачи. Но, IWC Shaffhausen спаѓа во малиот број мануфактури кои имаат сопствени, автентични механизми меѓу кои е најпопуларен механизмиот Ел Примеро, како и првиот нивни автоматски механизам Пелатон, од 1950 година. Сите наведни модели, модифицирани, се произведуваат и ден денес. Од 1980 година Шафхаузен прв произведува часовник од титаниум, што е денес вообичаено.

Денес, часовниците IWC Shaffhausen се познати по моделите од колекциите Инженер, Пилот, Португезе, Портофино, Да Винчи и спортските Акватајмер. Спаѓаат во долниот ценовен дел од средната класа, со цени од 4 до 20.000 евра, зависно од механизмите и материјалите за изработка на часовникот, а во посебни лимитирани примероци со Компликација механизми, работени за однапред познати купувачи, се продаваат и модели кои надминуваат 100.000 евра по примерок.

IWC Shaffhausen е една од ретките часовничарски фирми која ги преживеа сите предизвици, од добата на кварцни часовници, до освојувањата на пластичарите од Своч Групата, или модерната империја на Луј Витон групацијата, која денес е сопственик на неколку врвни часовничарски брендови.

Модели на IWC Shaffhausen носеле Папата Павле Втори, Жак Кусто, Тито, Вили Брант, најпознатиот пилот на германската војска од Првата светска војна Манфред Фон Рихтхофен – Црвениот Барон, Катрин Денев, Жан Пол Сартр, Салвадор Дали, Карл Јунг, Алфред Хичкок, Џон Кенеди… па се до Ајнштајн.

IWC Shaffhausen до ден денес останал господски часовник, купен и користен за свое задоволство, безвремен и квалитетен за татковците да го подарат на синовите.