„101 Великан на европската кошарка“ е книга со ограничено издание објавена во 2018 година од страна на Евролигата. Авторот Владимир Станковиќ им оддава почест на sвездите кои ја издигнаат кошарката во европа на нивото кое се наоѓа денес.
Еден од овие великани, според ова издание е и нашиот Петар Пеце Наумовски.
Авторот започнува со дилема дали најголем македонски кошаркар е Пеце или Благоја Георгиевски – Буштур, сепак се одлучува за Пеце бидејќи има 5 европски титули и 24 освоени клубски првенства во Југославија, Италија и Турција каде играше во најголемиот дел од кариерата. Нашиот Пеце беше дел и од европскиот ол-стар меч.
Роден е 1968 година во Прилеп. Почетоците на кариерата му се во Работнички Скопје. Потоа, Божо Маљковиќ, човекот што ја создаде непобедливата Југопластика, го зема Пеце во Сплит. Таму напорно тренира но игра мала минутажа.
По распадот на Југославија, тој поминува 2 сезони во Работнички. Во една прилика, успева речиси сам да го победи Партизан во Белград, а истиот тој Партизан станува европски шампион таа година.
Тимот на Ефес од Турција, го прави еден од најдобрите трансфери во својата историја и благодарениее на нашиот Петар Наумоски, почнуваат да се пробиваат и во Турција и во Европа, се разбира со Пеце како мозокот на тимот. Откако освојуваат двојна круна во Турција, Бенетон од Тревизо, Италија го доведува нашиот реперезентативец во своите редови. Нормално, Бенетон освојува и евро-куп и италијански куп, а бројките зад името на Петар Наумоски се повисоки и подобри од тие на легендарните играчи како Саша Ѓорѓевиќ, Аријан Комазец, Хенри Вилијамс и др.
Во Ефес сваќаат дека тимот без Пеце е просечен тим и прават огромни напори да го вратат во своите редови во што и успеваат. Во Корач купот, Пеце успева во двомечот да ги надигра Милано кои во своите редови ги имаат Дејан Бодирога, Џентиле, Фучка и Блекман. На првиот меч Петар дава 31 поен и 10 асистенции и буквално сам ги растура, а и на вториот меч е повторно најдобар со 26 поени. Тоа е негова четврта евро титула.
Во Турција останува до 1999 година, освојувајќи притоа двојна круна и куп, а му се остварува и сонот да ја однесе Македонија на Европско Првенство, каде завршивме на 13 место од 16 репрезентации.
Пеце потоа кариерата ја продолжжува во Италија, и тоа една година во Бенетон, па во Монтепаски Сиена, каде му се приклучува и нашиот Врбица Стефанов и на крај две сезони во Милано. Во тоа време започнува да настапува со својот клуб и во Евролигата каде има солидни бројки зад своето име. Со Монтепаски го освојува Сапорта купот, и во финалето е прогласен за МВП. Интерсен податок е и тоа што на свои 35 години на Виртуз Болоња им дава 48 поени во еден натпревар. Својата 25 годишна кариера ја завршува во Скопје во МЗТ.
Авторот на книгата за нашиот Петар Наумовски вели:
„Наумоски беше плејмејкер, но можеби беше „ баскет-мејкер“ е термин што би му одговарал подобро. Тој постигна многу поени како еден од оние кошаркарски бекови од старата школа, кои знаеа да шутираат од табла“.
„Тој беше комплетен играч, паметен и со победнички карактер. Тој секогаш триумфираше каде и да играше“.
„Петар Наумоски, македонскиот бисер“.