Вечерва промоција на „Анатомија на бумбарот“ од Стефан Марковски

|

Денес, 23 декември, во 19 часот ќе биде промовиран романот „Анатомија на бумбарот“ на Стефан Марковски, во домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје. Романот на Марковски беше објавен на англиски јазик и достапен во електронска и печатена верзија на платформата „Амазон“, каде што годинава достигна и рекордно прво место во категоријата за источноевропска литература за изданијата на „Киндл“.

Во романот, чие македонско издание е објавено од „Паблишер“, се дефинира енергична и психолошки силна приказна каде што се претопуваат елементи на гротеска, хумор и егзистенцијалистичко преиспитување.

Во наративот, како што во поговорот пишува Александар Прокопиев, прогресира една примамлива, куриозитетна, откачена, убаво и сочно раскажана приказна раслоена во делови што во себе носат и гнев и пркос, од една, и хумор и гротеска од друга страна.

Романот, како ретко кој во македонската литература, поттикнува внатрешна револуција во секој што ќе го чита, наметнувајќи повеќе егзистенцијалистички прашања и преиспитување на животот во потрагата по сопственото место во него. Раскажана од две перспективи – машка и женска, оваа приказна е фино испреплетена мозаична сложувалка во која на крајот ќе се состават сите делчиња.